Фото: Принтскрин
Најмалку 27 лица загинаа во жестоки вооружени судири меѓу безбедносните сили на Хамас и вооружени членови на семејството Дугмуш во градот Газа – во еден од најкрвавите внатрешни конфликти по завршувањето на големите израелски операции во појасот.
Според извештаите на BBC, маскирани припадници на Хамас размениле оган со милитанти во близина на јорданската болница во центарот на Газа. Очевидци потврдиле дека безбедносните единици, по наредба на висок претставник од Министерството за внатрешни работи под контрола на Хамас, го опколиле вооруженото крило на семејството и влегле во тешки престрелки за да ги приведат неговите членови.
Од Министерството информираа дека осум припадници на безбедносните сили се убиени во она што го нарекоа „оружен напад од страна на милицијата“. Локални медицински извори додаваат дека во судирите животот го загубиле 19 членови на кланот Дугмуш и осум борци на Хамас, при што борбите траат уште од вчера.
Сведоци пренесуваат дека конфликтот избувнал во населбата Тел ал-Хава, кога повеќе од 300 вооружени борци на Хамас извршиле упад во станбен блок во кој биле утврдени милитантите од семејството Дугмуш.
Во меѓувреме, медиумскиот оддел на Хамас го демантираше извештајот на BBC во кој се тврди дека групата распореди 7.000 нови борци за повторно да ја зацврсти својата контрола врз Газа, по повлекувањето на израелската армија од територијата.
