Фото: Принтскрин
Полицијата поднесе кривична пријава против двајца инспектори од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Тетово, поради сомнение дека сториле кривично дело „попречување на правдата“.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, пријавени се Џ.Н., виш инспектор за недозволена трговија со оружје, и О.С., самостоен инспектор за недозволена трговија со дрога. Двајцата се сомничат за прекршување на член 368-а од Кривичниот законик.
Според наодите, првопријавениот, кој бил задолжен за предмет поврзан со апсење на две лица поради сомнение за производство и продажба на наркотични дроги (член 215 од Кривичниот законик), му овозможил на второпријавениот – кој не бил ангажиран на случајот и воедно бил родител на едно од уапсените лица – да има пристап до службената документација. Притоа му дозволил да ги преместува документите, да ги придружува приведените лица, да дава насоки за постапувањето и да присуствува на разговорите со нив.
Покрај тоа, првопријавениот му овозможил на второпријавениот да го користи привремено одземениот мобилен телефон на едно од лицата кај кое била пронајдена поголема количина дрога. Со тоа му овозможил да избрише и уништи докази значајни за истрагата.
Иако не бил службено задолжен, второпријавениот активно учествувал во спроведувањето на службените активности поврзани со предметот во кој бил инволвиран неговиот син, користејќи ја можноста да манипулира со материјалните докази.
