
Фото: Принтскрин
Катарскиот премиер Ал-Тани во петокот во Белата куќа оствари средби со потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, и со државниот секретар Марко Рубио. Според извори запознаени со разговорите, темите биле идната улога на Катар како посредник во регионот и продлабочување на одбранбената соработка, по израелските напади врз Хамас во Доха.
Американскиот претседател Доналд Трамп изрази незадоволство од израелските акции, оценувајќи ги како еднострана постапка која, како што рече, не придонела ниту за американските, ниту за израелските интереси.
Вашингтон традиционално го смета Катар за еден од своите најсилни сојузници во Персискиот Залив. Доха во изминатиот период одигра клучна улога како посредник во преговорите за прекин на огнот меѓу Израел и палестинското движење Хамас, за ослободување на израелските заложници во Газа, како и за изработка на постконфликтен план за овој регион.
Премиерот Ал-Тани во вторникот директно ја обвини Израел за, како што рече, обид да се саботираат шансите за мир, но нагласи дека Катар нема да се повлече од својата посредничка улога.
Според податоците на палестинските здравствени власти, израелските напади врз Газа од октомври 2023 година досега одзеле над 64.000 животи. Речиси целото население на Појасот Газа е раселено и се соочува со сериозна криза на глад.