
Фото: Принтскрин
Минатата недела во кинескиот град Тјенџин се одржа самит кој западните медиуми го оценија како дипломатска победа на кинескиот претседател Си Џинпинг. На собирот присуствуваа и рускиот претседател Владимир Путин, како и индискиот премиер Нарендра Моди, чиј однос со двајцата лидери испрати значајна порака до Западот, а особено до Соединетите Американски Држави.
Имено, индискиот премиер беше прикажан во многу блиски и пријателски односи со рускиот претседател. Ова во меѓународните кругови се толкува како јасен сигнал кон Вашингтон, кој неодамна воведе нови царини со цел Индија да се одврати од купување руска нафта. Наместо да попушти под притисокот, премиерот Моди реши да отпатува во Кина и токму таму да демонстрира отворена соработка со Москва.
Очекувано, на овој потег уследи реакција од САД. Според објавите на социјалните мрежи, американскиот претседател Доналд Трамп реагирал бурно, упатувајќи критики кон Индија за, како што рече, „нерамноправен“ трговски однос. Тој истакна дека Индија досега имала привилегии во економската размена, но со новите царини тоа ќе се промени. Дополнително, Трамп нагласи дека Индија најголемиот дел од нафтата и воената опрема ја набавува од Русија, додека од САД, според неговите зборови, купува „речиси ништо“.