
Фото: Принтскрин
Во кочанската Општа болница синоќа биле примени вкупно 18 лица кои се повредиле во пожарот што избувна вчера попладне во фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес“ во Виница. Според информациите од медицинските служби, состојбата на сите повредени е стабилна, иако дел од нив се префрлени на скопските клиники за понатамошна грижа.
Д-р Оливера Цимбаљевиќ, анестезиолог и раководител на Одделението за анестезиологија и реанимација во кочанската болница, изјави за „Миа“ дека пет лица се задржани на хируршкото одделение – четворица со изгореници на нозете од прв и втор степен, а еден пациент со инхалациони, односно токсиколошки повреди.
Други петмина повредени биле сместени на интерното одделение, сите со симптоми на вдишување чад. Шест лица, пак, веднаш биле транспортирани во Скопје, каде што им е укажана специјализирана лекарска помош. Преостанатите пациенти, по укажаната интервенција во Кочани, биле пуштени на домашно лекување.