
Фото: Принтскрин
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе барање до надлежен судија за деца за поведување подготвителна постапка против 17-годишно малолетно лице, осомничено дека се обидело да изврши убиство.
Како што соопштија од обвинителството, постојат основи на сомнение дека детето сторило кривично дело – убиство во обид, предвидено во член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
„Вршејќи семејно насилство во сопствениот дом на улицата “Христијан Тодоровски Карпош” во Скопје, малолетникот со умисла се обидел да го лиши од живот својот татко.
Додека таткото бил во спалната соба, детето му пришло зад грб и со остар предмет му нанело 10 убодни рани. Во близина била мајката, која успеала да го оттурне детето и веднаш да повика медицинска помош.
И по извршен оперативен зафат на Клиничкиот центар „Мајка Тереза”, таткото е во живото-загрозувачка состојба.
Со барањето за поведување подготвителна постапка во согласност со Законот за правда за децата, јавниот обвинител предложи на малолетникот да му биде определена и мерка притвор“, соопшти Обвинителството.