
Фото: Принтскрин
Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против 29-годишниот Г.П. од селото Ангелци, општина Василево, осомничен за низа тешки кривични дела.
Според информациите од МВР, против него се води постапка поради основано сомнение дека сторил две кривични дела „убиство во обид“, како и три дела „тешка кражба“. Дополнително, тој се товари и за „недозволено производство, држење и тргување со огнено оружје и распрскувачки материи“.
„Во периодот од 02.07. до 07.07.2025 во атар на село Крклино, битолско, пријавениот влегол во две викенд куќи, не одзел ништо и причинил материјална штета, додека во село Долно Српци, општина Могила, со употреба на сила влегол во куќа и одзел ловечка пушка калибар 16 мм и две туби со гориво.
На 07.07.2025, исто така, во атар на село Долно Српци, пукал со пушката кон 22 -годишник и двајца малолетници на возраст од 15 и 16 години, а потоа на влез од село Вашарејца се обидел да пука кон полициски службеници, но не успеал, по што тие пукале и го погодиле во ногата, по што бил лишен од слобода“, соопшти МВР.