
Фото: МВР
Министерството за внатрешни работи објави јавен конкурс за прием на 150 нови полициски службеници кои ќе бидат распоредени на различни позиции низ земјата.
Со овој конкурс, МВР продолжува со процесот на зајакнување на своите кадри со цел зголемување на јавната безбедност, унапредување на полициските услуги и подобрување на присуството на полицијата на терен.
„БИДИ ПОЛИЦАЕЦ – Огласот за прием на 150 нови полициски службеници е во тек, биди и ти дел од македонската полиција
Биди полицаец. Биди хуман. Создај ред. Чувај ги граѓаните. Поседуваш храброст, солидарност и чесност. Висок морал, интегритет и дисциплина.
Ако тоа се твоите човечки квалитети тогаш полицијата е вистинскиот избор за тебе. Улогата на полицијата е клучна во едно општество бидејќи таа е гарант на безбедноста, сигурноста и владеење на законот што се основа за напредок и економски просперитет на државата и сите граѓани во неа.
Полицијата работи на спречување, откривање и санкционирање на сите видови криминал. Затоа биди меѓу најдобрите, биди секогаш прв, биди полицаец.
Министерството за внатрешни работи распишува конкурс за прием на униформирани полициски службеници. Да се биде полицаец е повик а не обична професија. Затоа придружи не се, прифати го својот повик, биди полицаец. Ако се одлучиш да го следиш својот повик, да го прифатиш предизвикот, те очекува едногодишен интензивен процес на образование, тренинг и обука.
Обучувачите и менторите кои се квалификувани експерти во своите области, ќе бидат секојдневно со тебе додека ги усвојуваш правните и другите теориски знаења, полициското делување и тактики и сите други практики со кои изобилува полициската обука. Обуката се одвива во Центарот за обука на министерството за внатрешни работи кој се стреми да биде еден од најдобрите и најелитни центри за обука во Европа. Центарот кој е со стекнати меѓународни акредитации ќе те подготви максимално професионално да ја извршуваш полициската професија. Преку следење на современите трендови, центарот постојано се унапредува за врвна професионална едукација и специјализации на вработените во безбедносните структури, со имплементација на најдобрите практики и меѓународни искуства од врвните европски и светски полициско безбедносни стандарди. Овде е вистинското место за сите млади и амбициозни луѓе со желба за личен професионален развој и напредок.
Затоа, пријави се и ти на огласот за нови полициски службеници. Биди полицаец. Успехот секогаш зависи само од тебе. Оствари го својот сон. Биди заштитник на семејството, најблиските, граѓаните и татковината. Биди борец против криминалот и чувар на редот. Биди дел од македонската полиција! Биди полицаец“, велат од МВР.