
Фото: Принтскрин
Пред уште една неуспешна седница на косовското собрание, кое по 41-ви пат не успеа да се конституира, познатиот адвокат Арианит Кочи повторно се појави на протест – но овојпат на несекојдневен и симболичен начин.
Во знак на револт кон политичката блокада и постојаното повторување на неуспешните обиди за формирање институции, Кочи доведе четири магариња пред зградата на парламентот во Приштина. Според него, животните служат како метафора за перцепцијата што, како што рече, одредени политички кругови ја имаат за народот.
„Ги донесов овие магариња како симболика – затоа што некои од оние што се во политиката мислат дека сме магариња. Овој протест е мирен, без провокации. Се извинувам на овие животни што мораа да патуваат од Истог до тука“, изјави Кочи со доза на иронија и сарказам.