
Фото: Принтскрин
Во свет полн со бучава, каде што секојдневието ги гази тивките молитви, една жена со католичка вера носеше во срцето тешка болка и неизговорена надеж. Нејзиниот живот во тој период беше обоен со загуба, страв и стега што не попушта – но и со некаква внатрешна сила која ја водеше напред. Нејзината душа жедуваше за мир, за утеха, за чудо. И токму таму, на камените височини на Острог, таа ќе го најде одговорот на својата молитва.
Таа долго време слушаше за манастирот на Свети Василиј Острошки. Гледаше реклами за организирани посети до свети места, но нешто длабоко во неа ја влечеше баш таму – без точно да знае зошто. Иако не беше од православна вера, веруваше дека вистинската духовност не познава граници и дека Божјата рака стигнува до сите што искрено ја бараат.
Кога ѝ кажаа дека мајка ѝ има згрутчување на крвта во вратот и дека операцијата е високоризична, светот ѝ се сруши. Татко ѝ веќе го немаше – починал ненадејно, без да се разболува, работел до последниот ден. Тој болен спомен сè уште ја прогонуваше. Сега, пред неа стоеше заканата да го изгуби и вториот родител. Чувствуваше дека нема сила за уште една загуба.
„Иако имав луѓе околу себе, вистинска поддршка ми беа само тетка ми и нејзиното семејство. Чувството на осаменост ме прогонуваше. Се чувствував како повторно да ги губам сите кои ми значат – семејство, љубов, пријателства. Ми беше премногу.
Во тој момент одлучив – ќе одам во Острог. Сакав, ако е Божја волја, мајка ми да биде поштедена од операција. Немав сили за уште една загуба. Бог ми ја слушна мислата – сестра ми ме повика да одам со неа на одмор, а меѓу другото предложи и да го посетиме Острог, бидејќи нејзината ќерка е родена токму на празникот на Свети Василиј.
Никогаш не ѝ спомнав дека одамна сонувам да одам таму. Се чувствував како тоа да е знак – Божјо водство. Особено кога дознав дека таму доаѓаат луѓе од сите религии – православни, католици, муслимани… Сите со иста надеж.
Планиравме патување до манастирот за следната недела. Часовникот што требаше да нѐ разбуди – не ѕвонеше, иако беше навит. Но некако, неочекувано и нејасно, во последен момент некој глас ме разбуди: „Стани!“. За пет минути бевме спремни – и јас, и сестра ми, и нејзиното дете. Подоцна таа ми рече дека ја разбудила птица која никогаш дотогаш, а ни потоа, не се појавила на прозорецот.
Кога се приближивме до манастирот, солзите ми потекоа сами од себе. Не од тага, туку од некаква чудна мешавина на страв, надеж и олеснување. Во душата почувствував мир што не можев да го објаснам. Иако сум католик и не ги познавам православните обичаи, се чувствував прифатено и благословено.
Ги излеав сите молитви – за мајка ми, за момчето со кое сакав да се помирам, за сите болки што ги носев во срцето. Неколку недели подоцна, дознавме дека состојбата на мајка ми не е толку критична. Операцијата повеќе не беше потребна. Лекарот кој првично беше упорен дека мора да се оперира, целосно го промени ставот. Мајка ми денес е со мене – здрава, под терапија и со надеж за иднината.
Разбрав едно – Бог не нѐ става во ситуации што не можеме да ги издржиме. Понекогаш, дозволува тешкотии за да не приближи до Него, да не научи на вера, трпение и благодарност.
Слава му на Бога и вечна благодарност до Свети Василиј Острошки – моето срце никогаш нема да го заборави овој пат“, сведочи таа.