
Фото: Принтскрин
Хрватска е во шок откако до јавноста стигнаа вестите за трагичната сообраќајна несреќа во близина на градот Карловац, во која животот го загуби поранешниот хрватски фудбалски репрезентативец, Никола Покривач.
Според првичните извештаи, станува збор за тежок верижен судир во кој учествувале четири возила. Во несреќата животот го загубиле две лица, меѓу кои и Покривач, а дополнителни три лица се пренесени во болница со сериозни повреди.
Никола Покривач беше познат не само по својата спортска кариера, туку и по огромната сила и истрајност што ги покажа во приватниот живот. Тој водеше долга и тешка битка со Хочкинов лимфом – малигно заболување на лимфниот систем. Првата дијагноза ја доби во 2012 година, а болеста му се врати двапати – последен пат во 2017 година. Најголем херој во таа борба му беше неговата мајка, која му ја донираше коскената срж и му го спаси животот.
„Три пати се соочував со болеста – борбата траеше околу три години. Но, благодарение на мајка ми и Божјата милост, успеав да ја надминам. По трансплантацијата, бев изолиран 50 дена. Никој не можеше да влезе кај мене. Луѓето ги гледав само преку стакло“, изјави Покривач во емотивно интервју во 2019 година.