
Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска соопшти дека 16 лица повредени во пожарот во Кочани наскоро ќе бидат пуштени на домашно лекување, откако нивната здравствена состојба значително се подобри. Истовремено, 30 пациенти ќе продолжат да добиваат медицинска грижа во скопските клиники, каде што се следи нивната состојба и се преземаат сите неопходни мерки за нивно закрепнување.
Министерот информираше и дека осум пациенти кои се лекуваат во странство се очекува да бидат транспортирани назад во земјава, каде ќе бидат префрлени во домашните здравствени установи и доколку нивната состојба дозволи, за неколку дена ќе бидат пуштени на домашно лекување.
„Во моментот, четири пациенти се во покритична состојба. Вчера нивниот број изнесуваше пет, но денес еден пациент е во подобра здравствена состојба. Се соочуваме со фаза во која постои ризик од појава на инфекции кај пациенти со изгореници од трет и четврти степен. Нашите медицински тимови се целосно ангажирани и даваат сè од себе за стабилизирање на нивната состојба“, изјави Таравари.