
Во Берово е откриен шокантен случај во кој погребално претпријатие е осомничено дека нелегално откопувало стари гробови, а остатоците од починатите лица ги исфрлало на депонии.
Според информациите од СВР Штип, на 12 март 2025 година, во 17:15 часот, во ОВР Берово било пријавено дека на локација позната како „Црвени брегови“, во беровскиот атар, бил забележан лиценциран извршител на погребални услуги додека на градежна депонија фрлал и закопувал остатоци од починати лица, извадени од Градските гробишта во Берово.
Веднаш по пријавата, полицијата во консултација со јавен обвинител и во содејство со ракувач на багер од јавното претпријатие за комунални работи во Берово, извршила детално пребарување на депонијата. Сепак, во првичната истрага не биле пронајдени предмети што би можеле да потекнуваат од кривично дело.
Но, со дополнителни истражни мерки и разговори со сведоци, било утврдено дека осомничениот повеќепати вршел нелегално ископување на гробови и остатоците ги отстранувал на друга локација.
По налог на јавен обвинител, истражните екипи извршиле увид и на друга локација – гробиштата во селото Смојмирово, каде биле откриени пет коски за кои постои сомнение дека се човечки.