
Претседателите на Украина и САД постигнаа договор што поскоро да склучат сеопфатен договор за развој на клучните рудни ресурси на Украина, се наведува во заедничкото соопштение на американската и украинската делегација.
Целта на договорот е проширување на украинската економија, надоместување на трошоците за американската помош и обезбедување долгорочен просперитет и безбедност на Украина.
Украина соопшти дека ќе прифати 30-дневен прекин на огнот со Русија по разговорите со САД во Саудиска Арабија во вторник, со цел да се стави крај на борбите, се наведува во заедничкото соопштение на САД и Украина.
До договорот дојде по повеќе од осум часа преговори меѓу украинските официјални претставници и американската делегација предводена од државниот секретар Марко Рубио во саудискиот град Џеда. Американскиот Стејт департмент потврди дека по состанокот со украинските претставници во Саудиска Арабија, веднаш ќе ја укине паузата во размената на разузнавачки податоци и ќе ја продолжи безбедносната помош за Украина.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека состанокот на американските и украинските претставници во Саудиска Арабија бил „позитивен и продуктивен“.