
Минималната плата во земјата во моментов ја примаат повеќе од 20.000 вработени, при што најголемиот дел од нив работат во мали и микро претпријатија. Работодавачите генерално се согласуваат дека постои простор за нејзино зголемување над 500 евра, но под услов тоа да биде поддржано со реална економска основа, како што е зголемување на продуктивноста и економскиот раст.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во понеделник официјално ќе достави барање до Владата, Собранието и останатите засегнати страни за зголемување на минималната плата на 500 евра.
Во меѓувреме, се очекува Владата да формира посебна комисија која ќе се занимава со прашањата за репрезентативноста на синдикатот и понатамошните чекори за усогласување на платите. Пред неколку дена, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се надева на што поскоро формирање на ова тело и потврди дека Владата ќе го прифати договореното решение помеѓу синдикатите и работодавачите.
Дополнително, синдикатите и работодавачите разгледуваат можност за покачување на платите до 500 евра, но со услов дел од придонесите да бидат покриени од страна на државата. Според проценките на „Сител“, за оваа мерка би биле потребни околу 1,7 милиони евра од државниот буџет.
Од синдикатите сметаат дека државата нема да биде оштетена, туку парите повторно ќе се вратат во буџетот преку поголемо трошење на финансиски средства.
„Ние работниците нема да трчаме во банка да ги ставиме парите да ги штедиме, туку ќе ги трошиме на основни производи во маркетите, па така државата од ДДВ ќе добива пари“, велат од синдикатите.