
Поранешниот премиер Никола Груевски излезе со тврдења дека неговиот политички ривал, Зоран Заев, наводно инвестирал во изградба на импресивна кула со 82 ката во Дубаи, чија вредност се проценува на над 600 милиони евра.
Според Груевски, овие средства биле обезбедени преку масовен рекет и злоупотреба на власта за време на мандатот на Заев.
„Смртта на Игор Југ е голема трагедија од друг тип од оној на Фросина. Политичкиот прогон организиран своевремено од Зоран Заев, преку политички нарачано обвинение и пресуди веќе добива и човечки жртви.
Наместо најмногу за учество во толпа како што и самиот Игор Југ кажа во едно интервју, него и многу други ги осудија за кривично дело со кое немаат никаква врска: терористичко загрозување на уставниот поредок.
Со него и голем број други лица кои или не требало воопшто да ги судат, или ако веќе решиле да ги судат можеле најмногу и само за учество во толпа или дел од нив за насилство ако има докази дека такви нешто направиле. И кај насилството каде највисоката казна е 5 години затвор има градирање, па сите оние со помали последици можеа да поминат со условна осуда. Но не за тероризам каде се предвидени драконски затворски казни.
За случувањата на 27. април 2017 имам многу пати пишувано и апелирано луѓето да се ослободат и нема да се повторувам, освен што повторно ќе повикам итно да се најде соодветна правна форма да бидат ослободени.
Заев на почетокот по збиднувањата беше портретиран како некаква жртва заради лесните телесни повреди и психичката траума нанесена на 27. април 2017 година.
Со прогонот зад кој тој лично стоеше, со наметнатата квалификација која не е реална и вистинита и која заради политички и одмазднички мотиви им се накалеми на учесниците, кој и тогаш и сега мислам дека направија грешка со влезот во парламентот и дел од нив со тепањето (дел од нив и самите подоцна јавно го констатираа тоа), со заднинско влијание на Заев да добијат незаслужено високи казни како за тероризам, тој од наводна жртва стана џелат, а сега веќе, по смртта на Игор Југ и убиец.
Ако Игор Југ одговараше за учество во толпа, со обзир дека не постои доказ дека извршил физичко насилство, затоа што не извршил, и ако немаше политички мотивирано влијание на обвинителството и судот, како и насочување на медиумите блиски или под некакво влијание на СДСМ во тоа време, за да создадат атмосфера на линч на овие лица, Игор Југ веројатно ќе добиеше само условна осуда и немаше да биде воопшто во затвор, немаше да помине таква тортура и денес тој веројатно ќе беше жив и здрав, со своето семејство и ќе работеше некоја работа како и секој нормален човек.
Сите оние што се повикуваат на право и правна држава во овој случај, во смисла дека имало пресуди, дека имало судски систем, судски систем и слични фрази кои во случајот се без суштина, ќе ги потсетам дека живеат во држава во која од времето на Заев па наваму Македонија има обвинителство и судство со само 2% од можни 100% доверба кај народот, со катастрофални меѓународни отценки, со специјален јавен обвинител фатен во организирање рекет на осомничени, систем со купишта скандалозни и неправедни судски и обвинителски одлуки, и ве молам за право и правна држава во Макеоднија да не ми говорите.
Два проценти доверба значи дека на 100 луѓе во Македонија, само двајца сметаат дека тоа обвинителство и судство се правични, независни и затоа треба да им се верува, а 98 на секои 100 лица не мислат така, затоа што искусиле или на “своја кожа” или на “кожата” на некои блиски или познати дека тој длабоко компромитиран систем полн со корупција и политичко влијание не генерира правда, и носи неправедни и често не законски одлуки или политички мотивирани одлуки, кои некогаш се заради политичко влијание, а очигледно некогаш се и само-цензура на обвинителите и судиите или од страв или почесто со цел да му се допаднат на “владетелот”, со цел полесно да напредуваат, што укажува на огромен број обвинители и судии без елементарен интегритет или со слаба психолошка стабилност штом заради страв прифаќаат наместо праведно, да судат неправедно.
Ова е нешто во што во минатото не верував, но сега одкако го видов системот од внатре, точно знам за што станува збор.
Потоа на ист начин и по ист систем, во иста атмосфера, повисоките судови го потврдуваат тоа.
Сепак, во случајот со настаните на 27 април 2017 година, не станува збор за самоцензура туку за директно вмешување на тогашниот премиер Заев заради лична одмазда, политички реваншизам и со сета своја не зрелост со која влезе на функцијата верување дека е семоќен ако има власт, подршка од клучните актери во тоа време на меѓународната заедница заради извршеното предавство со попуштање на сите национални линии, дури и оние кои претходно не ни ги бараа, нашите јужно соседи.
Тој веројатно во моментот е многу горд на себе во овие денови кога според информациите започнува изградба на кула од 82 ката во Дубаи, инвестиција од над 600 милиони евра.
Најголем дел од парите за оваа инвестиција се проневерени преку масовниот рекет како никогаш во постоењето на Македонија и со злоупотребата на власта во времето на неговото владење, пари во готовина и потоа пренесени со приватен авион во Дубаи и ставени на банкарска сметка. Истовремено се подготвува и за нова голема инвестиција во една друга земја во Азија, охрабрен од помоислата дека ги решил сите прашања за негова неказнивост по сите можни основи.
Но овој лажен верник, зол и алчен за пари човек, треба да знае дека носи на душа многу луѓе, меѓу кои и Игор Југ, дека злото што го направи во Македонија и на Македонците за да дојде до тие милиони и милијарди евра, мнозинството од граѓаните на Република Македонија никогаш нема да му ги заборават и ќе бараат одговорност за предавствата на националните интереси и организираниот криминал поврзан со канабис, тендери во енергетиката, во РЕК Битола, во фармацијата за време на Ковид кризата и воопшто за масовно раширената корупција и масовен рекет како никогаш во историјата од осамостојувањето на Македонија, како и за бруталниот политички прогон на политичките не истомисленици.
Затоа, ослободете ги луѓето, дајте им финансиска оштета за неправедната казна и загубените години од животот, за тортурата и траумите на семејствата, кои никогаш нема да можат да се надокнадат и затворете ја таа тажна и срамна страница на ова поглавје на македонскиот политички прогон на земја која претендира да стане членка на ЕУ, а има толку многу политички прогонети лица. И на злоделата на Заев, чии главен мотив за преспанскиот договор беше моќ за доаѓање до голем материјален интерес преку брутално газење на се пред себе, подржано од надворешни фактори од чии активности денес кога се обелоденуваат се срами и нивниот народ“, напиша Груевски.