
Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави дека повеќе од 300.000 пензионери ќе добијат линеарно зголемување на своите пензии за 2500 денари, почнувајќи со мартовската исплата, која е планирана на почетокот на април.
Ова зголемување е дел од владините мерки за подобрување на стандардот на пензионерите и следува по покачувањето од 2500 денари кое беше реализирано во септември минатата година. Со ова, Владата го исполнува ветувањето за вкупно зголемување на пензиите за 5000 денари во рамките на една година.
Мицкоски истакна дека средствата за ова покачување се веќе предвидени во новиот државен Буџет, со цел да се обезбеди финансиска стабилност и поддршка за пензионерите. Тој додаде дека оваа мерка ќе има значителен позитивен ефект врз животниот стандард на пензионерите, особено во услови на зголемени трошоци за живот.