Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на 21 ноември учествуваше на церемонија во кичевското село Зајас, каде што беше поставено албанското знаме на јарболот пред меморијалниот комплекс „Мајка Албанка“. Впечатлив детал од настанот беше отсуството на македонското државно знаме.
Настанот беше организиран од локалната организација на ДУИ во Кичево, во пресрет на одбележувањето на 22 ноември – Денот на албанската азбука. Под мотото „Знамето нè обединува“, на присутните претставници на месните заедници им беа поделени албански знамиња.
Во своето обраќање, Ахмети испрати пораки за национално единство меѓу Албанците, но се осврна и на потребата од соживот и меѓусебно почитување во државата.
Сепак, церемонијата предизвика внимание поради фактот што на јарболот беше истакнато исклучиво албанското знаме, без присуство на македонското државно обележје. Ова отвора прашања за почитувањето на законските правила при организирање вакви јавни настани и истакнување знамиња.
Засега нема официјално соопштение од надлежните институции дека во конкретниот случај во Зајас е констатирано прекршување на законските прописи.
Веста ја пренесува Podzemje.mk
