Тренерот на Баерн Минхен, Винсент Компани, бил итно пренесен во болница откако му се слошило и се струполил по завршувањето на тренингот на германскиот фудбалски гигант. Веста ја пренесоа германските медиуми, предизвикувајќи загриженост за здравствената состојба на белгискиот стратег.
Според информациите објавени од „Билд“ и „Скај Германија“, немилиот настан се случил во тренинг-центарот на Баерн во Минхен. Засега не се познати сите околности под кои дошло до колабирањето, ниту, пак, има официјални информации за неговата моментална здравствена состојба.
Ова не е првпат Компани да се соочува со здравствени проблеми во последниот период. Тој претходно имал тешка вирусна инфекција, поради која бил принуден да отсуствува од дел од тренинзите, како и од прес-конференцијата пред натпреварот против Арсенал.
Белгискиот тренер неодамна отворено говорел и за тоа дека не обрнувал доволно внимание на сопственото здравје, што дополнително ја зголемува загриженоста по најновиот инцидент.
Се очекуваат дополнителни информации за здравствената состојба на тренерот и за тоа дали инцидентот ќе влијае врз подготовките на баварскиот клуб за следниот натпревар.
Веста ја пренесува Newz24live.com
