Припадниците на Армијата од 1 јануари би можеле да добијат повисоки плати, согласно најавите на министерот за одбрана Владо Мисајловски. Во подготовка се и нов колективен договор, како и решение за професионалните војници кои навршуваат 45 години.
Најавените промени беа соопштени на одбележувањето на Денот на Командата за операции, што се одржа во касарната „Боро Менков“ во Куманово. На свеченоста присуствуваа претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, началникот на Генералштабот Сашко Лафчиски, како и претставници на институциите, дипломатскиот кор и одбранбените структури.
Мисајловски најави дека во наредниот период ќе продолжат разговорите со синдикатите за склучување нов колективен договор. Според него, во процесот ќе бидат земени предвид предлозите на синдикалните претставници, со цел да се подобрат работните услови и да се унапредат правата на вработените во одбраната.
Министерот нагласи дека со новиот договор нема да се доведат во прашање веќе стекнатите права на вработените, посочувајќи дека подобрувањето на нивниот статус останува една од важните задачи на Министерството.
Осврнувајќи се на досегашните активности, Мисајловски информираше дека за време на неговиот мандат биле исплатени повеќе од 26 милиони евра по основ на судски постапки поврзани со 2019 и 2020 година.
Покрај овие исплати, Министерството продолжува со исполнување на обврските предвидени со постојниот колективен договор.
Една од најважните најави се однесува на професионалните војници кои навршуваат 45 години. Според министерот, предлогот за регулирање на нивниот статус веќе бил разгледан на владин колегиум, а во следниот период се очекува да биде ставен на дневен ред на седница на Владата.
Воедно, Мисајловски посочи дека се одвиваат и планираните активности за модернизација на Армијата. Обврските за набавка на нова опрема, возила од типот „Страјкер“ и хаубици се реализираат согласно предвидената динамика, а плаќањата се вршат редовно.
Најавените мерки се насочени кон подобрување на материјалниот статус на припадниците на Армијата, унапредување на работничките права и продолжување на модернизацијата на одбранбениот систем.
Веста ја пренесува Direkten.mk
