На Ива Михаилова, обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, ќе ѝ се суди во отсуство. Одлуката е донесена по предлог на Основното јавно обвинителство во Кочани, бидејќи обвинетата во моментов не им е достапна на надлежните институции.
Според досега објавените информации, Михаилова на 12 октомври заминала за Бугарија, а еден ден подоцна по неа била распишана меѓународна потерница. Во изјава за бугарските медиуми, таа навела дека границата ја преминала легално и дека заминувањето од Македонија било во согласност со законските процедури.
Сепак, во досега изнесените информации се посочува дека нема евидентирани податоци за нејзино излегување од Македонија, ниту за влез во Бугарија.
Како образложение за престојот во соседната земја, Михаилова наводно навела дека заминала за да добие медицинска помош. Ова доаѓа по претходните најави дека медицински тим од Бугарија ќе пристигне во Македонија за да ја процени нејзината здравствена состојба.
Следното рочиште во судскиот процес е закажано за 9 ноември 2026 година, со почеток во 9 часот. Постапката ќе продолжи и покрај отсуството на обвинетата.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
