Шокантна несреќа ја потресе католичката заедница во еквадорскиот град Гвајакил, откако голем дрвен крст со распетие падна врз свештеник за време на црковна миса. Драматичниот момент бил забележан во директниот пренос на богослужбата, а видеото набргу се проширило на социјалните мрежи.
Според информациите објавени во локалните медиуми, трагичниот настан се случил во саботата, на 17 октомври, во црквата „Пресвета Богородица од вечната помош“ во Гвајакил.
Свештеникот Патрисио Алфредо Санчес Молинари стоел зад олтарот и ја служел мисата кога големото распетие поставено зад него ненадејно почнало да се урива. За само неколку секунди се случила несреќата, пред присутните верници, но и пред гледачите кои ја следеле богослужбата преку интернет.
Снимката предизвика бројни реакции и вознемиреност кај јавноста. Сепак, видеото не дава целосен одговор за причините поради кои паднала тешката конструкција, ниту ги открива сите околности што довеле до трагичниот исход.
Од надбискупијата во Гвајакил ја потврдиле смртта на свештеникот, кој бил член на редот на редемптористите. Воедно, упатиле сочувство до неговите блиски и до верниците погодени од оваа загуба.
Засега, во објавеното соопштение не се наведени деталите за медицинската причина за смртта, ниту е прецизирано дали свештеникот починал веднаш по несреќата или подоцна.
Не е познато ниту дали крстот бил неправилно прицврстен, дали имало проблем со неговата стабилност или, пак, претходно биле забележани знаци дека конструкцијата може да биде опасна. Овие прашања остануваат отворени сè додека не бидат утврдени релевантните факти.
Веста ја пренесува Kosovainfodesk.
