Четворица скопјани ќе одговараат за попречување на сообраќајот на булеварот „Јане Сандански“, откако снимка од инцидентот беше објавена во медиумите, соопшти Министерството за внатрешни работи.
По објавеното видео, на кое се забележуваат возила што го нарушуваат нормалното одвивање на сообраќајот откако излегле од возилата и играле оро на сред булевар поради свадба, полицијата презела мерки и ги повикала возачите на разговор во Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје.
Станува збор за четири лица на возраст од 23 до 48 години, кои управувале со автомобили од марките „ауди“, „БМВ“ и „сузуки“, сите со скопски регистарски таблички.
Од МВР посочуваат дека за констатираните прекршоци се преземени соодветни законски мерки. Возачите ќе бидат санкционирани согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
