Семејство од Битола бара помош од граѓаните за пронаоѓање на татко на две малечки деца, кој е недостапен од петок, 21 август 2026 година, околу 19:05 часот.
Мажот тој ден го напуштил домот без мобилен телефон и без пари. Според неговото семејство, ваквото однесување е крајно невообичаено, бидејќи никогаш претходно немал заминато без да каже каде оди и секогаш се враќал дома.
Во неделата вечерта стигнала информација дека се јавил од телефон на непознат човек кај сопственикот на домот во кој семејството живее под кирија во Битола. Тогаш кажал дека се наоѓа во Штип, дека ногата му е повредена и дека му е потребна помош за да обезбеди билет и превоз до Битола.
Во понеделникот наутро повторно стапил во контакт со сопругата и побарал таа да дојде во Штип со нивните две деца за да го земат. Поради тешката финансиска состојба, фактот што сопругата е невработена и нема кој да се грижи за децата, таа не успеала да отпатува.
Од вторникот немаат никаква информација или контакт со него.
Случајот е пријавен во полиција, а семејството продолжува да се надева дека ќе добие информација каде се наоѓа и дека е добро.
Мажот има две малечки деца кои го чекаат дома, додека неговата сопруга останала сама со нив и без можност да започне работа поради тоа што нема кој да ги чува.
Семејството апелира до сите граѓани кои можеби го имаат забележано во Штип, околните населени места, села или во друг град, да пријават во најблиската полициска станица.
Секој кој ќе успее да стапи во контакт со него се замолува да му овозможи да се јави од телефон. Семејството ќе се обиде да му обезбеди превоз за да се врати во Битола, се вели во апелот на објава на фејсбук страница.
Контакт телефон: 078 550 521

