Рано утрово, на железничката линија меѓу станиците Зливи и Дивчице, недалеку од Чешке Будејовице, се случи тежок железнички инцидент. Во судирот на експресниот воз R 658 и локалниот патнички воз Os 8053 повредени се повеќе од 50 лица, а најмалку петмина се во критична состојба. Инцидентот се случи околу 6:20 часот, во време кога стотици патници патуваат кон работа и училиште.
Според првичните извештаи на чешките служби за итна помош, 57 лица добиле различни повреди. Петмина се пренесени во болница со тешки повреди, додека останатите биле згрижени на лице место.
Железничкиот сообраќај на оваа клучна линија е целосно прекинат, а Чешките железници соопштија дека врските помеѓу Чешке Будејовице и Плзењ ќе бидат во прекин најмалку до доцните попладневни часови. За патниците кои останаа блокирани, се организираат автобуски замени.
Иако истрагата е на почеток, министерот за транспорт Мартин Купка упати на можен човечки пропуст. Според досегашните податоци, едниот од возовите веројатно не застанал на стоп-сигнал и влегол на делницата каде се движел другиот состав.
Спасувачките екипи евакуирале патниците и возниот персонал од двата воза. Меѓу повредените има и деца, а засега нема информации за загинати. Железничката инфраструктура е сериозно оштетена, што дополнително ќе го забави враќањето на редовниот сообраќај. Националната инспекција за железничка безбедност започна самостојна истрага и ќе ги провери сигнално-сигурносните системи на проблемната делница.
Веста ја пренесува Kanal13
