Фото: Принтскрин
Вработените на Клиниката за неврологија денеска објавија јавно писмо во кое изразуваат поддршка за својот колега, проф. д-р Игор Кузмановски, по појавата на, како што наведуваат, „компромитирачки материјал“ насочен кон неговата дискредитација.
Во писмото колективот упатува апел до јавноста за воздржаност во коментарите и повикува на почитување на човековото достоинство и професионалниот интегритет.
„Ние, неговите колеги, ја изразуваме нашата професионална и човечка поддршка за Проф. д-р Кузмановски. Во секојдневната работа со пациентите и во комуникацијата со колегите, секогаш се однесувал со највисока стручност, одговорност и етичка посветеност. Ниту во еден момент не е забележано однесување кое би било недолично, несовесно или спротивно на професионалните стандарди“, велат во писмото.
