
Во последниве децении сè повеќе Македонци ја пронаоѓаат својата надеж и духовна поткрепа во ликот на една руска светителка – Блажената Ксенија од Петроград. Однадвор, изгледала како обична жена од народот: вдовица, скромна и едноставна, па дури и чудна во очите на околината, затоа што по смртта на својот сопруг сакала сите да ја нарекуваат со неговото име.
Но зад таа надворешна појавност се криел океан од вера и вулкан од љубов кон Бога. Таа со голема смиреност и подвиг го посветила својот живот на Христа, а Господ ја дарувал со прозорливост, исцелувања и чудотворна сила.
Дури и пред да биде официјално канонизирана, народот во Русија ја сметал за светица. Верниците, монасите и свештениците ѝ се молеле и добивале бројни чуда и исцеленија преку нејзиното застапништво. Во времето кога Руската црква била жестоко прогонувана во XVIII век, гробот и малата капела на Смољенските гробишта во Санкт Петербург станале засолниште на верата и надежта за милиони луѓе. Иако моќни храмови биле уништувани, нејзиниот едноставен гроб останал како сведоштво на Божјата сила.
На надгробната плоча и денес стојат нејзините зборови:
„Кој мене ме познавал, нека ја спомне мојата душа заради својата.“
Оваа порака е повик не само на молитва кон неа, туку и на потсетување дека Бог е Бог на живите, а светителите секогаш се присутни за оние што со вера ги повикуваат.
Животот на Блажената Ксенија
Нејзиното точно потекло останува непознато. Се знае дека е родена околу 1720 година во Петроград, образована и убава девојка, омажена за дворскиот пејач и полковник Андреј Петров. Но на само 26 години останала вдовица – без деца, без сопруг и без утеха. Богатството за неа тогаш изгубило секоја смисла: сè поделила на сиромашните, а куќата ја подарила на блиска пријателка.
Луѓето мислеле дека од жалост полудела, но всушност таа доживеала длабока духовна преобразба. Облекувајќи ја униформата на сопругот, тргнала по патот на Христовата „лудост заради мудрост“ – станала јуродива. Се откажала од својот имот и од светската среќа за да живее само за Бога.
Подвигот и страданието
Деновите ги поминувала во молитва и талкање низ предградијата на Петроград, најчесто околу црквата на Светиот апостол Матеј. Носела партали, често босонога и гладна, но не барала ништо за себе. Секогаш кога некој ќе ѝ дадел милостина, таа веднаш ја подарувала на друг посиромав од неа.
Ноќите ги минувала во поле, на колена, молејќи се до изгрејсонце. Со години ја поднесувала студената руска клима – дождови, мразови и виулици, но силата на нејзината вера ја греела повеќе од секое сонце.
Споменот за светителката
Блажената Ксенија цели 45 години живеела во овој подвиг. Со пост и молитва, го очистила телото и душата, и преку тоа станала вистински пример за смирение и љубов.
И денес, речиси два века по нејзиното упокојување, верниците ја повикуваат во молитвите како брза и моќна помошничка.
Преподобна мајко Ксенијо, моли Го Бога за нас!