
Катанци на вратите, темница, тишина, затворени клубови и празни улици – Скопје по полноќ станува речиси нечитлив град за ноќен живот. Младите се приморани да се организираат сами, собирајќи се во мали групи во парковите или на клупите низ маалата. Граѓаните се жалат, а угостителите алармираат дека главниот град станува еден од најдосадните за излегување на Балканот.
Причините за ваквата состојба се повеќекратни. Ноќниот живот во Скопје почнал да слабеe пред повеќе од една деценија, кога работното време на рестораните и кафулињата беше ограничено до полноќ или до 1 часот наутро, а за работа до подоцна се бараше посебна лиценца за ноќен клуб. Капката што ја прели чашата беше трагедијата во Кочани, по која следела строга проверка на клубовите – само еден или два ги исполнувале условите. Денес, од некогашните бројни клубови, активно работи само „12:12“.
„Не е само прашањето на отварање клубови, треба да се научи лекцијата и истовремено да се оди напред. На Скопје му фали визија за развој. Треба луѓе кои ќе градат ноќен живот како што треба да биде“, изјави Вишко Зија, сопственик на „12:12“.
Проблемот не е само во клубовите – и рестораните и кафулињата се повеќе остануваат празни. Причината е делумно економска – растот на цените и намалената куповна моќ – но угостителите посочуваат дека проблемот е подлабок.
„Со затворањето на клубовите се намалува посетеноста и во баровите и во рестораните. Летните месеци се особено тивки. Притисокот од надлежните органи е голем, но не само економијата е проблем, туку и организацијата и културните активности кои недостигаат“, вели Сара Стојковска, сопственик на „Трач Бар“.
Денес, младите во Скопје се приморани да се задоволат со пиво на клупите, додека градот чека стратегија која ќе го изведе од мракот и ќе го врати сјајот на ноќниот живот.