Фото: Принтскрин
Возачите во Македонија од утре ќе треба да издвојуваат повеќе пари за гориво. Новите цени на нафтените деривати стапуваат на сила на полноќ, на 3 ноември, согласно најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Најголемо поскапување има кај бензините, чија цена се зголемува за два денари по литар, додека дизел-горивото ќе биде поскапо за еден денар. Просечното зголемување на малопродажните цени изнесува 1,55 проценти.
Со новата одлука, највисоките цени на горивата ќе бидат:
- ЕУРОСУПЕР БС-95 – 93 денари за литар.
- ЕУРОСУПЕР БС-98 – 95 денари за литар.
- ЕУРОДИЗЕЛ – 100 денари за литар.
Без промени останува цената на екстралесното масло за домаќинство, која и натаму ќе изнесува 110 денари за литар.
Од друга страна, мазутот бележи зголемување од 1,30 денари за килограм, со што неговата нова цена ќе достигне 55,573 денари.
Од Регулаторната комисија посочуваат дека новото усогласување е резултат на промените во цените на нафтените деривати на меѓународните пазари, како и движењето на курсот на денарот во однос на американскиот долар.
Во пресметката се вклучени и актуелните владини мерки, односно намалениот ДДВ за дизел-горивото и пониските акцизи за бензините и дизелот.
Важно е да се напомене дека објавените износи претставуваат максимални дозволени малопродажни цени. Тоа значи дека бензинските пумпи имаат можност да ги понудат горивата и по пониски цени.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
