Двајца мажи се повредени при експлозија на контејнер на депонија во областа Катедан, Индија, на 27 октомври. Едниот од нив се здобил со тешки повреди, додека другиот поминал со полесни последици, соопшти полицијата.
Инцидентот бил забележан на видеоснимка на која се гледа како маж пренесува вреќа полна со шишиња. Во еден момент вреќата се кине, а шишињата и останатиот отпад се расфрлаат по земјата.
Додека мажот се оддалечува за да го премести отпадот, двајца други мажи почнуваат да ги разгледуваат предметите што останале на тлото. Еден од нив стапнува врз бел пластичен сад, кој ненадејно експлодира.
Силата на детонацијата го отфрла мажот наназад, по што тој паѓа на земјата. Другиот присутен се оддалечува од местото, видно вознемирен и со болки во рацете.
Повредените се идентификувани како 19-годишниот Саи Кришна и 55-годишниот Дилип. Според информациите што ги пренел полициски службеник од станицата Мајлардевпали за индискиот медиум „Сијасат“, Саи Кришна претрпел особено тешки повреди, при што му бил откинат дел од ногата во пределот на глуждот. Дилип се здобил со полесни повреди.
На младиот повреден работник му претстои пластична операција во болницата „КЕАР“, каде што треба да добие дополнителен медицински третман.
Според полицијата, двајцата мажи работеле за приватно лице. Нивната задача била да ги собираат и чистат шишињата и другиот отпад, по што материјалите се испраќале на други локации.
Околностите под кои дошло до експлозијата не се целосно разјаснети во првичните информации за случајот.
Веста ја пренесува Siasat.com
