Екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје спроведоа темелно чистење и рачно миење на просторот под Камениот мост, со цел подобрување на хигиената на една од најпрепознатливите локации во главниот град.
Акцијата е дел од редовните активности на претпријатието за одржување на јавната чистота и отстранување на отпадот од јавните површини низ Скопје.
Покрај интервенцијата во централното градско подрачје, во текот на изминатата седмица биле отстранети 905 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад од диви депонии на територијата на сите скопски општини. Најголема количина отпад, односно 190 кубни метри, била собрана во општина Ѓорче Петров.
Од претпријатието информираат дека во истиот период биле собрани и транспортирани околу 3.000 тони комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти во Скопје. Паралелно продолжува и обновувањето на контејнерите за отпад, при што досега се поставени 700 нови садови на местото на старите и дотраени.
Во рамките на контролите за одржување на јавната хигиена, еко-патролата минатата недела составила 25 записници за физички и правни лица кај кои биле утврдени прекршувања на Законот за јавна чистота. Од нив, 10 биле врачени на подрачјето на општина Чаир.
Паралелно со активностите на терен, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје ги започна и едукативните програми за новата учебна 2026/2027 година. Првите еко-работилници се одржаа во градинката „Снежана“ во општина Чаир, каде што учествуваа 150 деца од двата објекта.
Преку едукативни активности, најмладите се запознаа со правилното фрлање на отпадот, основите на селекцијата, како и со значењето на рециклирањето и повторната употреба на материјалите.
Од претпријатието посочуваат дека одржувањето на чиста животна средина бара континуирана работа на терен, но и поголема одговорност од граѓаните при одлагањето на отпадот.










