Трагичен инцидент ја потресе црквата во еквадорскиот град Гвајакил, каде што свештеник го загубил животот за време на света миса, откако масивен дрвен крст се откачил од ѕидот и паднал врз него.
Според информациите објавени од надбискупијата во Гвајакил, несреќата се случила во саботата вечерта, на 17 октомври, во црквата „Пресвета Богородица од Постојаната помош“. Загинатиот свештеник бил идентификуван како Патрицио Алфредо Санчез Молинари, припадник на редот на редемптористите.
Снимка од драматичниот настан, која се прошири на социјалните мрежи, го прикажува свештеникот покрај олтарот, додека една верничка ја предводела молитвата. Во еден момент, големиот дрвен крст поставен на ѕидот зад него ненадејно се одвоил од конструкцијата и паднал директно врз него.
Присутните верници, видливо вознемирени од она што се случило, веднаш се обиделе да му помогнат на свештеникот. Сепак, повредите што ги здобил биле фатални.
Веста за неговата смрт ја потврдила надбискупијата, која го објавила и неговиот идентитет. Засега нема официјални информации за причините поради кои крстот се откачил од ѕидот и паднал врз свештеникот.
Трагичниот настан остави во шок присутните верници и ја отвори дилемата за тоа што довело до паѓањето на тешкиот верски симбол среде богослужбата.
Веста ја пренесува Novizivot.net


