Синоќа на планината Јакупица, во велешкиот регион, ловџии пронашле младо мече заробено во нелегално поставена замка. Неговите крици ги одвеле до местото каде што животното се борело да се ослободи, додека во непосредна близина се наоѓала и неговата мајка.
Мечето го забележале членови на Ловечкото друштво „Руен“ од Велес, кои биле на терен кога го слушнале вознемиреното лелекање.
„Најпрво го слушнавме силниот лелек, а потоа тргнавме да видиме од каде доаѓа. Го најдовме мечето фатено во замка. Од болка реагираше агресивно и не ни дозволуваше да му се приближиме, но беше очигледно дека му е потребна помош. Во близина ја забележавме и неговата мајка. Веднаш го известивме ловечкото друштво“, раскажал еден од ловџиите кои учествувале во пронаоѓањето на животното.
По пријавата била организирана координирана акција во која учествувале инспектори од Државниот инспекторат за животна средина, членови на ловечкото друштво „Руен“, претставници на Македонското еколошко друштво, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Велес и ветеринар од Скопската зоолошка градина.
Според информациите од Државниот инспекторат за животна средина, мечето било пронајдено на локалитетот Чеплес, на околу еден и пол километар од Рибник Нежилово, во велешкиот регион.
Станувало збор за кафеава мечка заробена во нелегално поставена замка изработена од метална сајла. За да може безбедно да се интервенира, животното било успиено, по што ветеринар извршил преглед и ја отстранил замката.
За среќа, при прегледот не биле забележани видливи повреди, па по завршувањето на интервенцијата мечето било вратено во природната средина.
При ветеринарниот преглед било утврдено дека спасеното животно е машко мече, старо приближно три години и тешко околу 70 килограми.
Случајот повторно го отвора прашањето за опасноста од нелегалните замки, кои можат да предизвикаат тешки повреди, страдање, па дури и смрт кај дивите животни.
За случајот бил известен и надлежен јавен обвинител од Велес. По добиените насоки, полицијата ја одзела замката за да се изврши потребното вештачење и да се утврдат околностите под кои била поставена.
Надлежните институции треба да ги испитаат сите околности и да утврдат кој стои зад незаконското поставување на замката.
Благодарение на навремената реакција на ловџиите и координираната интервенција на надлежните служби, оваа приказна доби среќен исход за младото животно.
Веста ја пренесува Newz24live.com



