Фото: Facebook/Македонска Tаеквондо Федерација, Macedonian Тaekwondo Federation WT
Македонската таеквондистка Ведрана Тунески од ТК Бутел повторно ја израдува Македонија, откако освои сребрен медал на Европското Гранд при (Е6), во кадетска конкуренција до 51 килограм.
Ведрана со три победи на патот до финалето, младата спортистка оствари значаен меѓународен успех и обезбеди дополнителни 32 бода пред Европското првенство.
Тунески го започна настапот со победа од 2-1 над Французинката Алија Мола, а во четвртфиналето беше убедлива против Турчинката Афра Караман, совладувајќи ја со 2-0.
Македонката продолжи во ист ритам и во полуфиналето, каде што со идентични 2-0 ја победи Марина Савиди од Кипар и избори пласман во борбата за златниот медал.
Во финалето, сепак, Тунески загуби со 0-2 од Мелин Озтекин од Швајцарија, па мораше да се задоволи со сребрениот медал.
