По речиси три месеци поминати под будното око на лекарите, малиот Дамјан конечно ќе ја напушти болницата и ќе се врати таму каде што припаѓа – во топлиот дом на своето семејство. Неговата приказна е сведоштво за храброста на најмалите борци и за силата на надежта.
Дамјан дошол на свет предвреме, во 28. гестациска недела, тежок само 920 грама. Наместо првите денови да ги помине во прегратките на своите родители, тој морал да остане во болница, каде што цели 93 дена се грижеле за неговото здравје и напредок.
Денес, со тежина од 1.950 грама, малиот јунак е подготвен за нов почеток. По долгото лекување, го очекува најубавото добредојде – прегратките на мајка му Емилија, татко му Трајче и неговиот постар брат Марио.
Особено трогателен е фактот што и Марио има слична животна приказна. Пред 12 години и тој се родил предвреме, во 30. гестациска недела, со тежина од само 1.180 грама. Денес, како веќе пораснато момче, ќе може да биде покрај својот помал брат, со кого дели необично сличен почеток на животот.
Радосната вест ја соопштија од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, од каде што на Дамјан му посакаа многу здравје, среќа и безгрижни детски денови.
По 93 дена неизвесност, грижа и надеж, пред малото момче се отвора ново поглавје – исполнето со семејна љубов, прегратки и моменти што допрва ќе ги создава со своите најблиски.
Веста ја пренесува Skopje1.mk

