Дрво паднало вчера околу пладне на улицата „Фрањо Клуз“, на аголот со булеварот „Трета македонска бригада“ во Скопје, само неколку часа по дождот. За среќа, паднало врз паркирани автомобили, а не врз пешачката патека по која секојдневно минуваат граѓани, меѓу кои и многу деца.
Случајот веднаш бил пријавен на единствениот број за итни случаи 112. На местото излегле полициски службеници, а била составена и службена белешка.
Денеска во 10 часот пристигнала и екипа од Секторот за дрвореди при ЈП „Паркови и зеленило“. Според информациите, вчера не било можно да интервенираат бидејќи немале достапна екипа.
Она што дополнително загрижува е фактот дека станарите уште пред големото невреме што го зафати скопскиот регион побарале дрвото да биде отстрането. Иако тогаш ги издржало силните временски услови, вчера се урнало по обичниот дожд, кој ја натопил почвата.
Овој настан повторно го отвора прашањето колку навремено се проверуваат и отстрануваат потенцијално опасните дрвја во урбаните средини. Овојпат, за среќа, нема информации за повредени лица. Но, останува прашањето: дали требало да се чека дрвото да падне за да се реагира?
Инфо: ,,Сребрениот дописник” на Гладиатор.




