Небезбедно возење со електрични теренски мотори низ скопската населба Капиштец предизвика реакции кај граѓаните, откако на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледаат тинејџери како се движат низ населбата на начин што може да ја загрози безбедноста на пешаците.
Според содржината на објавеното видео, ситуацијата станува уште позагрижувачка кога еден граѓанин, кој шетал со своето мало дете, им укажал на младите дека нивното однесување е опасно. Наместо да ја прифатат забелешката, тие, според наводите што го придружуваат видеото, му возвратиле со провокативни зборови: „Што се дереш – сакаш да го возам на едно“?
Снимката, која се споделува на социјалните мрежи, повторно го отвори прашањето за безбедноста на пешаците во урбаните населби, особено на родителите со мали деца, кои секојдневно ги користат тротоарите и јавните површини.
Дополнително загрижува тоа што ваквите ризични потези се снимаат и објавуваат на социјалните мрежи, наместо да послужат како предупредување за последиците што може да ги предизвика несовесното однесување во јавниот простор.
Граѓаните бараат надлежните институции да го проверат случајот и да преземат соодветни мерки доколку се утврди дека се прекршени законските прописи.
Веста ја пренесува 24chasa.mk
