Системот „Безбеден град“ од денеска се проширува и во охридскиот регион. Камерите ќе регистрираат сообраќајни прекршоци во повеќе општини, на фреквентни патишта и во туристичките зони.
Возачите во охридскиот регион од денеска ќе бидат под засилен видеонадзор, откако системот „Безбеден град“ започна со работа и на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Охрид. Во рамките на новата фаза се активираат околу 40 камери, со кои ќе се контролира сообраќајот на повеќе значајни локации во југозападниот дел од државата.
Видеонадзорот ќе ги опфаќа Охрид, Струга, Кичево, Дебарца и Дебар. Камери се поставени и на патиштата што водат кон Струга и Дебар, како и на делницата кон граничниот премин Ќафасан.
Дополнителна контрола ќе има на правецот кон Свети Наум, во близина на туристичките населби и плажите, но и на автопатската делница Охрид – Кичево.
Новата технологија е наменета за регистрирање повеќе видови сообраќајни прекршоци, меѓу кои: Возење со брзина над дозволената, непрописно паркирање, поминување на црвено светло.
Од охридската полиција очекуваат дека со воведувањето на системот ќе се подобри дисциплината на патиштата, ќе се намали бројот на прекршоци и ќе се придонесе за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.
Од СВР Охрид упатуваат порака до возачите да ги почитуваат сообраќајните прописи и ограничувањата на брзината. Оттаму нагласуваат дека целта на „Безбеден град“ не е само откривање и казнување на прекршителите, туку и спречување опасни ситуации и заштита на човечките животи.
„Апелирам до возачите на патничките и други моторни возила да се придржуваат, да ги почитуваат ограничувањата на дозволената брзина и, се разбира, „Безбеден град“ да го сфатат како партнер во зголемувањето на сообраќајната безбедност. Заеднички да се грижиме за животите на нашите сопатници, за нашите животи и за животите на другите учесници во сообраќајот“, изјави Стефан Димовски, портпарол на СВР Охрид.
Со проширувањето на системот и во овој регион, се очекува поголема контрола особено на прометните сообраќајници и во местата каде што во туристичката сезона има зголемено движење на возила.
Веста ја пренесува 4news.mk
