Млад возач од Хрватска се најде под полициска истрага откако на социјалните мрежи сподели видео на кое се гледа како автомобилот достигнува брзина од околу 228 километри на час на автопат.
Полицијата во Пула започнала постапка против 21-годишникот откако дознала за видеоснимката што тој ја објавил на својот јавно достапен профил на социјалните мрежи на 3 октомври. На видеото јасно се гледа брзинометарот на автомобилот, кој покажува речиси 230 километри на час.
По спроведените проверки, надлежните органи утврдиле дека станува збор за млад човек кој со објавувањето на снимката ја направил опасната возачка практика јавно видлива. Поради начинот на кој го претставил ваквото однесување, против него е поведена прекршочна постапка за нарушување на јавниот ред и мир, соопштила Истарската полициска управа.
Хрватската полиција апелира дека возењето со брзина поголема од 200 километри на час не смее да се прикажува како забава, храброст или подвиг за восхит. При такви брзини, возачот има значително помалку време да реагира на непредвидени ситуации, а дури и најмала грешка може да заврши со трагични последици.
Особена загриженост предизвикува трендот на споделување вакви видеа на интернет, каде што опасното однесување може да добие позитивни реакции и голем број прегледи. Според полицијата, желбата за популарност на социјалните мрежи не смее да биде причина за загрозување на сопствениот живот и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
Надлежните потсетуваат дека јавните патишта не се место за докажување и натпреварување во брзина. Возачите се повикуваат да ги почитуваат сообраќајните правила, да бидат одговорни зад воланот и секогаш да размислуваат за можните последици од своите постапки.
Веста ја пренесува Index.hr
