Две лица, 62-годишна жена и нејзиниот двегодишен внук, ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа што се случи во близина на Бујановац. Во судирот тешко е повредена и мајката на детето, која по несреќата била пренесена во Универзитетскиот клинички центар во Ниш.
Несреќата се случила во селото Српска Куќа, на стариот автопат во правец кон Врање. Според првичните информации, во сообраќајката учествувале автомобил „голф“ и „тојота“, и двата со бујановачки регистарски таблички.
Од засега непознати причини, возачот на „голфот“, кој се движел кон Бујановац, преминал во спротивната сообраќајна лента. Во тој момент дошло до директен удар со „тојотата“, која се движела во спротивна насока.
Во „голфот“ се наоѓал само возачот, додека во вториот автомобил патувало семејството.
Според информациите од Вишото јавно обвинителство во Врање, возачот на „голфот“, жител на Велики Трновац, е задржан до 48 часа поради сомнение за тешко кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај. Надлежните продолжуваат да ги утврдуваат сите околности под кои дошло до несреќата.
По силниот удар, 62-годишната жена починала на местото на несреќата. Двегодишното момче, и покрај напорите на лекарите, им подлегнало на повредите во Здравствениот центар во Врање.
Во несреќата биле повредени и други лица. Меѓу нив е и мајката на загинатото дете, која со тешки повреди била транспортирана во Ниш.
Од Универзитетскиот клинички центар во Ниш е потврдено дека жената е хоспитализирана на Клиниката за неврохирургија. Таа има неврохируршки и максилофацијални повреди, но по укажаната медицинска помош нејзината состојба е стабилизирана.
Лекарите продолжуваат внимателно да ја следат нејзината состојба.
Истрагата за трагичната сообраќајка е во тек, а треба да се утврдат точните причини и сите околности што довеле до директниот судир.
Веста ја пренесува Kurir.rs
