Трагичен настан го потресе италијанскиот град Монастеро Бормида, во провинцијата Асти, каде во тешка несреќа на работното место животот го загубил 47-годишен македонски државјанин.
Станува збор за Александар Ангелов, кој во моментот на несреќата бил ангажиран во земјоделската компанија „Монтелеоне“. Несреќата се случила во четвртокот попладне, во период кога во регионот е во тек бербата на грозјето.
Според досегашните информации, Ангелов паднал во голем сад наменет за обработка на грозје. Во внатрешноста на садот се наоѓал механички систем со архимедов шраф, што дополнително ја отежнало ситуацијата.
Веднаш по несреќата биле повикани итната медицинска помош, пожарникарите и службите задолжени за безбедност при работа. На терен бил ангажиран и медицински хеликоптер, но и покрај обидите за спасување, лекарската екипа можела само да ја потврди смртта на 47-годишниот работник.
Ангелов, според досега објавените информации, живеел со сопругата во Бистањо, во провинцијата Алесандрија.
Италијанските надлежни служби започнале истрага со цел да се утврди како дошло до несреќата, како и дали биле исполнети сите услови и мерки за безбедност на работното место.
Веста ја пренесува Телевизија Стар.

