Турски борбен авион Ф-16 се урна денеска во провинцијата Јалова, во северозападниот дел на Турција, за време на тренинг-лет. Според првичните информации, несреќата се случила поради технички проблем.
Од турското Министерство за одбрана потврдија дека пилотот успеал навреме да се катапултира од авионот и ја преживеал несреќата.
Снимките од местото на падот покажуваат голема експлозија, по која над полето се издигнал густ црн чад. Веднаш по инцидентот на локацијата пристигнале медицински и противпожарни екипи.
Пилотот бил извлечен на безбедно и пренесен во Истражувачката и тренинг-болница во Јалова, каде што му била укажана медицинска помош.
Авионот бил ангажиран во тренинг-мисија од воздухопловната база во Јалова. Засега нема информации за други повредени лица.
Точните околности под кои дошло до падот сè уште не се познати. Турските власти најавија детална истрага, која треба да утврди што точно довело до откажувањето на авионот и несреќата.
Веста ја пренесува Слободен печат.
