Богданци има нов математички шампион. Тринаесетгодишниот Коста Попристовски, ученик во ООУ „Петар Мусев“, освои златен медал, шампионски пехар и прво место на престижниот меѓународен натпревар „Математика без граници“, во категоријата „Ludovico Ferrari“.
Големиот успех беше постигнат на финалниот натпревар што се одржа на 6 јули во Несебар, Бугарија, каде учествуваа ученици од 42 земји. Во силна меѓународна конкуренција, Коста се издвои како најдобар натпреварувач во категоријата по алгебра „Ludovico Ferrari“, освојувајќи ја шампионската титула.
Коста има 13 години и неодамна го заврши седмото одделение во ООУ „Петар Мусев“ во Богданци со одличен успех. Со својата посветеност и извонредни резултати уште еднаш покажа дека македонските ученици можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите во светот.
Во истата категорија настапи и талентираниот математичар Македон Димитровски од Тетово, кој освои второ место и сребрен медал, додека Коста се искачи на највисокото место на победничкиот пиедестал.
Покрај сертификатот за прво место, Коста беше награден и со златен медал и победнички пехар, како најуспешен натпреварувач во својата категорија.
Ова е само една од низата негови успеси во текот на оваа година.
Со овие резултати, Коста Попристовски уште еднаш го потврди својот исклучителен талент и ја претстави Македонија на најдобар можен начин, носејќи ново меѓународно признание и голема гордост за Богданци и за целата држава.
Веста ја пренесува Gevgelijanet.com


