Фото: ДЗС
ДЗС реализираше сложена интервенција за безбедно отстранување на неексплодирано артилериско зрно пронајдено во коритото на реката Вардар
Дирекцијата за заштита и спасување на 8 јули 2026 година успешно реализираше интервенција за безбедно отстранување на неексплодирана артилериска граната од 155 милиметри, тешка околу 45 килограми, која потекнува од периодот на Првата светска војна.
Гранатата била пронајдена во атарот на селото Пепелиште, Општина Неготино, во коритото на реката Вардар, што поради непристапниот терен претставувало дополнителен предизвик за безбедно извршување на интервенцијата.
Со логистичка поддршка од ТППЕ Неготино, која обезбеди чамец за пристап до локацијата, пиротехничарот Ѓорѓи Стефанов успешно го извлече неексплодираното убојно средство.
По извлекувањето, гранатата беше транспортирана и обезбедена до нејзиното конечно уништување на Армискиот полигон „Криволак“.
Дирекцијата за заштита и спасување упатува благодарност до ТППЕ Неготино за професионалната соработка и навремената поддршка, а воедно апелира до граѓаните при пронаоѓање на сомнителни експлозивни направи да не ги допираат и веднаш да пријават на бесплатниот број за итни случаи 112.



