На својот фејсбук-профил, Матеј Марковски објави дека вчера бил физички нападнат додека се обидувал да спречи напад врз жена што се случувал на булевар, околу пладне.
Според неговото сведоштво, додека се движел со автомобил, забележал како возач од едно возило излегол и почнал агресивно да напаѓа жена која се наоѓала во друго возило. Марковски претпоставува дека инцидентот започнал поради недоразбирање во сообраќајот.
Тој наведува дека жената се заклучила во автомобилот и била видно исплашена, додека напаѓачот со тупаници удирал по прозорецот и се обидувал да ја отвори вратата. Во намера да ја смири ситуацијата, Марковски го спуштил прозорецот и му довикнал на мажот да престане.
Наместо да се повлече, како што тврди Марковски, напаѓачот се свртел кон него, го фатил за врат и физички го нападнал. Тој возвратил, а кога се обидел да излезе од возилото, мажот, според неговите зборови, почнал да удира по вратата за да го спречи. По кратка физичка пресметка, Марковски успеал да излезе од автомобилот, да избегне уште еден напад и да му возврати, по што конфликтот завршил. Напаѓачот се повлекол, влегол во своето возило и се смирил.
Марковски раскажува дека жената, за која проценува дека имала околу 57 или 58 години, по инцидентот излегла од автомобилот видно вознемирена и преплашена. Тој изразува сомнеж дека напаѓачот бил под дејство на психоактивни супстанции, наведувајќи дека имал силно зацрвенети очи, но за ова нема официјална потврда.
По настанот, Марковски се упатил во полициска станица за да го пријави случајот. Според неговото тврдење, таму му било кажано дека, поради тоа што дошло до меѓусебна физичка пресметка, постапката е поинаква и дека не може едноставно да поднесе пријава на начинот на кој очекувал.
Со својата објава тој апелира до граѓаните да не останат рамнодушни кога ќе бидат сведоци на насилство и да помогнат во рамките на своите можности, истакнувајќи дека неговата цел е да ја подигне јавната свест за ваквите ситуации.
Веста ја пренесува: Матеј Марковски
