Поранешната потпретседателка на САД, Камала Харис, упати сериозни критики кон актуелниот претседател Доналд Трамп, обвинувајќи го за ризично и непромислено водење на државата. Таа предупреди дека неговите одлуки можат да имаат сериозни последици, вклучително и потенцијални воени злосторства и загрозување на американските војници.
Преку неколку објави на социјалната платформа Threads, Харис истакна дека реториката на Трамп е опасна, тврдејќи дека тој се заканува со уништување на цели општества без да понуди јасна стратегија за решавање на конфликтите.
Таа нагласи дека ваквиот пристап не ужива поддршка кај американските граѓани и дека создава дополнителна нестабилност. Според неа, ваквото лидерство ги изложува војниците на непотребни ризици, го нарушува меѓународниот углед на САД и го влошува економскиот товар врз населението.
Харис, која беше противкандидат на Трамп на изборите во 2024 година, повика на поголем отпор кон, како што ја нарече, „неоправдана војна“ и нејзиното финансирање, истакнувајќи дека е неопходен поодговорен пристап во надворешната политика.
Во меѓувреме, Трамп изјави дека ситуацијата се движи во позитивна насока, оценувајќи го денот како значаен чекор кон глобален мир, откако САД и Иран постигнале договор за привремен прекин на огнот. Тој додаде дека постои напредок и дека преговорите за трајно решение се во завршна фаза.
Веста ја пренесува Libertas.mk
