Иранското Министерство за надворешни работи испратило дипломатска нота до бугарската амбасада во Техеран, во која апелира Бугарија да се воздржи од каква било поддршка на САД, вклучително и активности поврзани со американски воени авиони стационирани на аеродромот „Васил Левски“, пренесуваат бугарските медиуми.
Во пораката се нагласува дека Иран го задржува правото да ги преземе сите неопходни чекори за заштита на својот суверенитет и национални интереси.
Според иранските власти, иако бугарската страна тврди дека присуството на авиони-танкери и американска воена авијација е дел од претходно планирана воена вежба, тие наводно се користат за поддршка и снабдување со гориво на бомбардери во рамки на заеднички операции против Иран.
Политичарот Станислав Балабанов од партијата „Има таков народ“ ја објави содржината на нотата и упати остри критики кон привремениот премиер Андреј Ѓуров. Тој праша зошто информацијата се крие од јавноста и предупреди на потенцијална опасност, споменувајќи можност за ракетен напад кој, според него, би можел да пристигне за само девет минути.
Балабанов побара смена на премиерот и назначување нов лидер на владата.
Од друга страна, заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија, Марин Рајков, изјави дека нема причина за паника во јавноста. Тој посочи дека дипломатската нота претставува формална комуникација, но не ја менува моменталната безбедносна или дипломатска позиција на земјата.
Рајков додаде дека односите меѓу Бугарија и Иран остануваат стабилни и дека комуникацијата меѓу двете држави продолжува редовно. Исто така, нагласи дека бугарскиот парламент нема донесено одлука за учество во какви било воени активности поврзани со конфликтот.
