Владата на Бугарија се откажа од претходната намера да ги премести американските воени авиони-танкери од цивилниот аеродром „Васил Левски“ во Софија. Наместо тоа, официјалните власти сега оценуваат дека нивното присуство придонесува за зголемена безбедност. Ова го потврди вршителката на должноста министерка за надворешни работи, Надежда Нејнски, во изјава за медиумите.
Иако пред извесно време Министерството за одбрана најави дека се разгледува можноста за нивно префрлање на воен аеродром, оваа опција повеќе не е актуелна. Според Нејнски, нема ниту потреба од нови разговори за условите под кои американските авиони престојуваат во земјата. Таа истакна дека нивното распоредување е во согласност со договорите со САД и е поврзано со обука и активности на НАТО.
Министерката објасни дека техничките карактеристики на аеродромот во Софија, како што се пистите, го прават соодветен за ваков тип летала. Дополнително, нагласи дека присуството на овие авиони значи и засилени мерки за обезбедување, што според неа е плус за безбедноста на главниот град.
Темата привлече внимание откако поранешниот заменик-министер Милен Керемедчиев објави информации за присуство на повеќе американски воени и транспортни авиони, што предизвика шпекулации за нивната улога. Сепак, и бугарските власти и Амбасадата на САД појаснија дека станува збор за транспортни летала без офанзивни способности, кои не се дел од тековни воени операции.
Според официјалните податоци, дозволата за нивен престој и транзит важи од средината на февруари до крајот на мај, со ограничување на бројот на авиони и персонал.
Во однос на реакцијата од Иран, Нејнски објасни дека дипломатската нота испратена до Бугарија не треба да се толкува како закана, туку како вообичаена комуникација во време на зголемени тензии. Таа нагласи дека Бугарија не учествува во воени дејствија, ниту дозволува борбени активности од својата територија.
Бугарските власти потенцираат дека одржуваат редовен дијалог со Техеран и дека нема промени во нивната политика. Според нив, објавувањето на вакви дипломатски документи може непотребно да предизвика загриженост кај јавноста, особено во чувствителен политички период.
