Дури 81 вработен во РЕК Битола побарале медицинска помош во Клиничката болница во Битола, откако се пожалиле на стомачни тегоби, повраќање и покачена телесна температура.
Според инфектологот Хараламбос Сидиропулос, кај најголем дел од пациентите симптомите се со полесен интензитет, поради што биле пуштени на домашно лекување. Само едно лице било задржано во болница за понатамошен третман на Интерното одделение.
„Во краток временски период ни се јавија 81 пациент со идентични симптоми – стомачни проблеми, повраќање и температура. Сите посочија дека консумирале ист оброк – лазањи со сос подготвени во кујната на РЕК Битола. Повеќето се со лесна клиничка слика, дел примиле инфузија, а едно лице е задржано за дополнителна терапија“, изјави Сидиропулос.
Како најверојатна причина за состојбата се наведува токму храната што ја консумирале вработените. Надлежните институции веќе преземаат мерки и вршат детална проверка за да се утврдат точните околности и одговорноста за инцидентот.
