Храбра вработена во продавница во населбата Залик во Мостар успеала да спречи обид за грабеж, спротивставувајќи се на напаѓач кој носел автоматска пушка, пренесуваат локалните медиуми.
Настанот се случил синоќа околу 20 часот. Според снимките од безбедносните камери, маж облечен во црна јакна влегол во продавницата и по кратко време извадил автоматска пушка скриена под облеката.
Наместо да се повлече, продавачката застанала лице в лице со напаѓачот, по што избувнала физичка пресметка и борба околу оружјето.
Во текот на инцидентот, напаѓачот повеќепати ја удирал жената со тупаници во пределот на главата, но таа останала решителна и не се откажала од обидот да го разоружи.
Во еден момент било испукано неколку истрели од пушката, но за среќа, никој не бил повреден.
На местото веднаш пристигнале полициски екипи од Мостар, кои извршиле увид, додека истрагата е во тек.
Надлежните служби преземаат мерки за идентификување и пронаоѓање на сторителот.
Веста ја пренесува Infomax.mk
